Возљубени во Господа,
Зар не паѓа дожд од Бога на сите подеднакво? Или Сонцето не свети за сите, исто така? Зар не го дишеме воздухот сите еднакво? Како тогаш не се срамите да признаете само три јазика, а за сите други народи и племиња сакате да бидат слепи и глуви? Дали Господ го сметате толку бессилен тоа да не може да го даде, или завидлив, па тоа да не го сака?
Ова не се мои зборови, а зборови кои ги искажал светиот на чиј гроб денес се поклонуваме и кого го славиме во неговата светост пред Господа. Зборови кои се актуелни низ сиве овие 1000 години на нашето постоење како црква со архиепископско достоинсво од древниот Охрид.
И денес кога го славиме овој 1000 годишен јубилеј пак и пак се поклонуваме и просиме
негово застапништво пред престолот на нашиот Бог Света Троица треба ли да се посомневаме во неговите зборови или да се посомневаме во Бога дека ја сменил својата промисла за и најмалиот брат или пак дека сонцето и дождот веќе не паѓаат или не светат подеднакво за сите Божји созданија?
Се смениле ли дождот и сонцето или само нашите срца оладиле и се одалечиле од заповедите Божји и зборовите на светиот Кирил?
Се прашувам повторно стоејќи пред неговиот свет гроб гледајќи го односот кон нас првенствено од нашите браќа во Господа, кои како да ги заборавиле неговите зборови и се вознеле над нас, и не лишуваат од сонцето и дождот, па на тој начин нити тие влегуваат во Царството Небесно, нити пак нам ни дозволуваат да влеземе.
И само смерно ќе упатам уште еднаш горешта молитва кон Кирила и неговиот свет брат Методиј, онака како што и црковниот пеач го кажал тоа во тропарот кон светите словенски просветители
„
Богомудри Кириле и Методиј, еднакви по дух со апостолите и учители на словенските земји, Владиката на сите молете Го словенските народи да ги утврди во Православието и едномисленоста, да го смири светот и да ги спаси нашите души.
Амин на многаја и праведнија лета!